Топ контакт

Контактирајте нè на: pravo@soros.org.mk 

Choose language

Search

Breadcrumbs

Како се изигрува Законот за слободен пристап дo информации од јавен карактер

Овој напис го има и на: Албански

Cover-up. Фото: Truthout.org,, Jared Rodriguez, 2012

Cover-up. Фото: Truthout.org, Jared Rodriguez, 2012

Според искуствата на новинарите, министерствата за финансии и за внатрешни работи се најзатворените институции во земјава. МВР, речиси во сите случаи се повикувало на класифицирани информации, а Министерството за финансии или не одговара или, пак, прави сè да го одбие барањето. Министерството за финансии крие колку пари им исплатило на неосновано притворените или судени луѓе во Македонија, за тајна го смета и бројот на луѓе кои исполнија услов за пензија, но побарале продолжување на работниот стаж и серија други прашања за кои парите се исплатуваат од буџетот и овие информации во никој случај не можат да бидат тајни.

Пишува: Саше Димовски

Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, наскоро ќе „наполни“ девет години од неговото донесување, но гледајќи ги бројките и неговата примена, тешко дека може да му се даде „преодна“ оцена или да констатираме дека застанал на здрави нозе.

Гледано од аспект на новинарите, Законот кој требаше да овозможи слободен пристап до голем број информации од јавен карактер, со исклучок на тие кои не се јавни и се таксативно наведени, се претвори во плашило за многу новинари или во „најдолгиот пат“ и секој гледа да го заобиколи.

Едно истражување кое се спроведува во моментов во рамки на проектот „Добро владеење“, покажува фрапантни податоци во поглед на искористеноста на законот од новинарите, кои најчесто, како причина зошто не го користат законот, го наведуваат фактот дека однапред знаат дека нема да ја добијат информацијата, па не сакаат да губат време во административни процедури.

ИЗГУБЕНО ИЛИ ИНВЕСТИРАНО ВРЕМЕ

За нив чекањето 30 дена за евентуален одговор, па рокови за жалби или тужби, се изгубено време бидејќи информирањето бара брза и ефикасна информација . Затоа, се обидуваат тоа да го сторат преку портпароли или да искористат други форми за добивање на информацијата (пријателски врски, „брифери“ и слично).

Но, дали информацијата која е добиена „под рака“ не го носи ризикот да не е целосна или точна, а потоа на врат да си закачите демант или тужба? Не дека тоа не е еден од легалните начини на добивање информации, но сигурно не е начин да го остварите своето право и да ги натерате институциите на транспарентност и отчестност, особено ако работите на големи истражувања за кои може да обезбедите многу информации според овој закон.

Анализите на податоците од Комисијата за слободен пристап до информации од јавен карактер, која одлучува по жалбите на сите на кои им се одбиени барањата за слободен пристап или воопшто не им е одговорено, покажуваат дека невладините организации се први на листата на тие кои го користат законот за слободен пристап, по нив се граѓаните како физички лица, а кога сме кај новинарите како баратели на информации, овој број е многу мал.

Секако, има пример каде што новинари или медиуми биле упорни и поднеле жалби или тужби пред Управниот суд против институциите што одбиле да им дадат информација, но тој број е многу мал на што укажува и следнава статистика: во последниве три години пред Комисијата се жалеле 21 новинар и еден медиум, од кои 13 постапки завршиле со решение, а другите со заклучок.

На прашањето зошто не се жалат пред комисијата или не ја продолжат правната битка пред Управниот суд, новинарите одговараат дека тоа за нив е губење време во правни лавиринти, за, на крајот, дури и кога би ја добиле информацијата, со судска одлука, на пример, таа информација да не биде актуелна за нив, а нив ќе ги чини време и пари (за судски такси) кои само дополнително ќе им ја отежнуваат работата.

Гледано од оваа дистанца, по речиси девет години од донесување на законот, истиот наместо да го олесни слободниот пристап до информации од јавен карактер, уште го стесни кругот на информации до кои се доаѓа по законски пат, без за тоа да се посомнева некој за која цел ги барате?

НЕ ОТКРИВАЈТЕ ЗОШТО ЈА БАРАТЕ ИНФОРМАЦИЈАТА

Законот за слободен пристап е јасен: никој нема право да ви бара информација, ниту вие сте должни да објаснувате зошто ви треба одредена информација, независно дали сте новинар, физичко лице –граѓанин, невладина организација или приватна компанија.

Накратко, овде ќе ги набројам најчестите „финти“ на кои сакаат да ве фатат институциите, а кои, ако не размислите двапати, однапред сте осудени на недобивање на информациите.

Законот пропишува образец на кој треба да го напишете прашањето – информацијата што ја барате, во каква форма ја барате (фотокопија, увид, препис) и во која форма да ви биде испратена (по пошта, скенирана и на меил и слично). Ако го пополните ова барање, институцијата треба да ви одговори во законски предвидениот рок од 30 дена или, ако се работи за сложеноста при добивање на информацијата (треба да се скенираат или копираат голем број документи), мора да ве извести дека ќе ја добиете информацијата и да наведе за колку дена по законскиот рок од 30 дена.

Но, законот предвидел и можност за поднесување усно барање, за кое, рокот за одговор е пет дена. За да поднесете вакво барање, треба да појдете лично во институцијата, да го побарате лицето кое е задолжено за посредување до информации од јавен карактер. (Комисијата води регистар за иматели на информации и за службените лица во институциите и е објавен на нивната веб-страница).

Пред тоа лице треба да го поставите прашањето, лицето да состави записник или службена белешка и да ви одговори за пет дена. Оваа можност е погодна за новинарите кои треба често да ја користат, но да внимаваат во институцијата, при усното барање, да не им дадат да го пополнат писмениот образец и на тој начин барањето да го третираат како писмено и да добијат комоција да им одговорат во рок од 30, а не во рок од пет дена.

Бидете внимателни при користење на оваа можност, инсистирајте на неа и не го пополнувајте барањето, туку оставете му ја таа обврска на лицет задолжено за посредување со информации од јавен карактер, а ако нема такво лице или е спречено во тој момент физички да оствари средба со вас, таквото барање инсистирајте да го состави службеникот задолжен за прием на пошта во институцијата (архивата).

Разгледувајќи ја листата на најзатворени институции, според искуствата на новинарите, министерствата за финансии и за внатрешни работи се најзатворените институции во земјава. МВР, речиси во сите случаи, се повикувало на класифицирани информации, а Министерството за финансии или не одговара или, пак, прави сè да го одбие барањето. Министерството за финансии крие колку пари им исплатило на неосновано притворените или судени луѓе во Македонија, за тајна го смета и бројот на луѓе кои исполнија услов за пензија, но побарале продолжување на работниот стаж и серија други прашања за кои парите се исплатуваат од буџетот и овие информации во никој случај не можат да бидат тајни.

1001 НАЧИН ДА ВИ ГО ОДБИЈАТ БАРАЊЕТО

Меѓу примерите, како се обидуваат институциите да не ви дадат одговор е и примерот на Државното правобранителство на Македонија. Во оваа институција нема портпарол, ниту лице задолжено за посредување со информации, туку имаат единствено службен меил на кој ги упатуваат новинарите да постават прашање. Но, на вака поставеното прашање, од Државниот правобранител новинарите добиле порака дека нема да им биде одговорено барањето затоа што меилот не им е верификуван со електронски потпис!?

Во државава постои закон кој го регулира прашањето за електронски потпис, но во сè уште нерегулирана сфера, на прсти може да се избројат лицата што имаат електронски потпис. Секако, тоа се правни, но не и физички лица. Оттука, во услови кога институцијата не го почитува Законот за слободен пристап (нема назначено лице), ниту има портпарол, барањето за верификација на меилот со електронски потпис не е ништо друго, туку бесрамен начин на одбивање на барањето. Дополнително, Државниот правобранител кој бара верификација со електронски потпис, ниту користи таков потпис, ниту, пак, се идентификува со име и со презиме во комуникацијата со новинарите.

Сличен е и примерот со министерот за правда, кој носи заклучок дека ја запира постапката за добивање решение, бидејќи Министерството не води статистика, на пример, за исплатени средства за неосновано притворени или осудени граѓани, а токму ова министерство, според закон, е тужено во најголем број од случаите и има законска обврска да понуди спогодба со тие лица, како неопходен услов пред да поведат судска постапка затоа што биле судени или притворени без основ. Дополнително, Министерството за правда е предлагач на законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Овие примери, кои се само капка во морето, покажуваат дека институциите ни оддалеку не ја сфатиле суштината на законот и на секој начин се трудат да создадат одбранбен механизам за да не ги добиете бараните информации.

Оттука, колку и да звучи потешко изводливо, за институциите кои се во вашиот град или ви се близу, тестирајте ги по принципот „усно барање“ и не им оставајте комоција од 30 дена за да ви одговорат на истото. Мора да се има на ум дека тој што го примил барањето, доколку не е надлежен да одговори, треба да го препрати до надлежниот орган и да ве извести за тоа. Законот предвидува и казни за лицата кои се задолжени за посредување до информациите, па на располагање ви стои и опцијата да поднесете пријава против лицето кое одбива да го прими вашето барање или одбива да ви одговори, за што, во прекршочна постапка одлучува надлежен суд.

ЧЕСТА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА КВАЛИТЕТНИ ИСТРАЖУВАЧКИ СТОРИИ

Пристапот до информации од јавен карактер во ваква форма нема многу да им помогне на новинарите кои известуваат и бараат информации на дневна основа, но тој е многу добар за подготвување истражувања, за кои имате подолго време. Во суштина, голем дел од истражувачкото новинарство треба да се потпре на решенијата на овој закон, но, во исто време, да не се откажете по првото одбивање, туку да ја продолжите соодветната правна битка за остварување на тоа право. Информацијата што сте ја барале, можеби ќе ви користи и тогаш кога ќе ја добиете по налог на Комисијата или Управниот суд.

За да бидете сигурни дека може да ја добиете информацијата и од друг извор, размислувајте и во правец кој може да ја има таа информација и да ви ја даде, а да не биде само имателот на информацијата.

Доколку не добиете извештаи за одредени прашања од работењето на Владата, регулаторни тела или државни агенции, побарајте ги истите информации и од Собранието на Република Македонија, на пример, кое врши надзор над нивната работа и до кое, тие доставуваат годишни извештаи или даваат отчет за нивната работа.

Слично може да постапите и со барањето на информации од Регулаторната комисија или АЕК доколку не сте добиле одредени информации од телекомуникациските компании или субјектите во електросекторот.

Државниот завод за ревизија може да ви биде добра база за финасиското работење на општините и на јавните институции, а Агенцијата за медиуми за радиодифузерите и за печатените медиуми (за прашања за сопственичката структура, приходи од реклами и други прашања).

Имајте на ум и кој сè е имател на информации од јавен карактер: од законот се исклучени политичките партии, невладиниот сектор, приватните компании (освен во делот за средствата кои ги добиваат од буџетот за разни проекти или надомест за избори). Но, сите кои трошат буџетски (јавни) пари, влегуваат во категоријата на иматели на информации. Од нив може да барате информации и документи кои иако не ги создале, ги поседуваат (на пример, авионските билети или хотелски сметки за престој на одреден функционер). Без разлика што тие не ја создале информацијата, плаќањето е извршено со буџетски (јавни) средства и тие информации не претставуваат тајна.

Деталните урбанистички планови, нивните измени, податоци од Катастарот или другите државни агенции, исто така, ви се на листата на информации од јавен карактер.

Во последниов период забележан е и тренд да биде одбиено барањето затоа што имателот се повикува дека „таа се создава во моментот и нејзиното објавување може да ѝ наштети на институцијата“. Во тој случај, задолжително поднесете жалба до Комисијата и барајте од неа да утврди дали бараната информација се создава во моментов. Постојат судски одлуки кои дефинираат дека статистиката не е тајна, а доколку во информацијата има други податоци, имателот е должен да ги прикрие нив и да ви ги направи достапни бројките.

Затоа, честото и правилно користењето на законот може да ви биде одлична алатка за изработка на добри истражувачки стории: производ кој сè помалку го има низ македонските медиуми.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).