Топ контакт

Контактирајте нè на: pravo@soros.org.mk 

Choose language

Search

Breadcrumbs

Имателите на информации со формализам го ограничуваат правото за слободен пристап до информациите

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер (во понатамошниот текст „Комисијата“) ги поучува имателите како да го одбијат пристапот до бараните информации, а со тоа  им оневозможуваат на барателите да си го остварат своето уставно и законско загарантирано право.

Имено, до Општина Аеродром, како имател на информација, беше упатено барање со кое се бара „Копија од дописи на општината кои се доставени до Собранието на РМ и одговорите на доставените дописи, од моментот на избор на актуелниот состав на Советот на општината и на Градоначалникот до моментот на добивање на ова барање.“ Општината најпрво одговари дека барателот треба да го конкретизира и специфицира барањето, бидејќи материјалот е преобемен и потребен е дополнителен ангажман на човечки и материјални ресурси, иако согласноЗСПИЈК, “Секој имател на информации за посредување определува едно или повеќе службени лица при остварувањето на правото на слободен пристап до информации”. По поднесената жалба до Комисијата, општина Аеродром одговари дека не води посебна архива за коресподенција со Собранието на РМ и притоа го отфрла барањето како неразбирливо и нецелосно. Во конкретниот случај во образложението од Решението на Комисијата,повторно се наоѓа начин како да им се помогне на имателите на информациите да го одбијат пристапот до бараните информации. Но, со ваквото образложение, Комисијата го лимитира пристапот до веќе постоечки информации, а со тоа упатува и на непочитување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Тоа што општината не ја поседува бараната информација во сублимирана форма, не значи дека не е имател на истата и дека таквата информација не постои.  Според Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер,и збир од документи претставуваат информација.Доколку информацијата не постои во бараната форма, а за истата се смета дека е обемна, имателот може да бара покривање на трошоците, нешто што општината не го сторила.
Ваквото постапување на Комисијата е недозволиво од причина што истото многу лесно може да се злоупотреби од страна на имателите и одбивањето на пристапот заради поголем обем на работа да стане пракса кај имателите. Особено е важно да се напомене дека Комисијата во минатото никогаш немала пракса на давање на вакви образложенија, нешто што е спротивно на начелото на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер за отвореност во работата на имателите од една страна и обврска на Комисијата да се грижи одредбите од Законот да бидат почитувани и да се овозможи пристапот до бараните информации од друга страна.

Овој Извештај за октомври 2012г., е еден од месечните извештаи за состојбата на остварувањето на слободниот пристап до информациите од јавен карактер во Република Македонија, преку кои Македонското здружение на млади правници и Фондацијата отворено општество – Македонија во рамките на проектот „Остварување на правото на пристап до информациите со обезбедување правна помош и стратешко застапување“, Ве информираат за состојбата во остварувањето на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер.Сите досегашни постапки за остварување на правото за слободен пристап можете да ги најдете на www.spinfo.org.mk во рубриката „случаи“.


Македонско здружение на млади правници