Топ контакт

Контактирајте нè на: pravo@soros.org.mk 

Choose language

Search

Breadcrumbs

Институциите поминуваат неказнето иако не ги почитуваат роковите за донесување акти предвидени со НПАА 2012

Во текот на 2012 година, Македонското здружение на млади правници (во понатамошниот текст „МЗМП“) во рамките на проектот „Остварување на правото на пристап до информациите со обезбедување правна помош и стратешко застапување“, поднесе повеќе барања[1] до разни иматели на информации со цел изработка на Анализа за спроведувањето на НПАА 2012 и дали истата се почитува, притоа како алатка го користи правото на пристап до информации од јавен карактер.

Она што се појави како најнов тренд  во остравувањето на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, најчесто како одговор на барањата кои се упатени до Министерството за правда и Државната комисија за спречување на корупција, се известувањата во кои институциите наведуваат дека не ја поседуваат бараната информација, иако информацијата би требало да биде креирана како резултат на нивната надлежност. Како пример ќе посочиме барања кои ги поднесе МЗМП, во кои се бараа информациите: „Дали во 2012 година е изготвена Анализа за потребата од донесување на Закон за измени и дополнување на Законот за управните спорови“ и барање за „доставување на копии од: Извештајот за предлогот на законот за измена и дополнување на ЗУС и Извештај со предлози за подобрување на судскиот деловник и други прашања кои се однесуваат на работењето на судот“ доставени до Министерсто за правда и барањето доставено до ДКСК за: „Доставување на Информацијата за реализацијата на протоколот за соработка за превенција и репресија на корупцијата и судирот на интеерси за периодот од 01.01.2010 до 31.03.2011“. Надлежните институции во одговорите наведуваат дека не ги поседуваат бараните информации и покрај тоа што согласно НПАА и роковите предвидени во неа истите требало да бидат изготвени до моментот на поднесување на барањата. Сето ова укажува на непочитувањето на временската рамка за донесување на законски акти, стратегии, програми итн, кои се предвидени со Национална програма за усвојување на законодавството на ЕУ (НПАА 2012) и динамиката за спроведување на истата.  Очигледно недостасува поголема одговорност и динамичност кај дел од институциите во овој поглед.

Напоменуваме уште еднаш дека МЗМП до ваквите наоди дојде користејќи го Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер како алатка за пристап до потребните информации (документи, акти, извештаи и слично) преку што се укажува на важноста од користењето на овој Закон во истражувачката дејност, но и воопшто неговото користење од страна на секој граѓанин и правните лица.

Во текот на месец септември се одбележа изминување на шест години од стапувањето во сила на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, доволен временски период во кој беше неопходно да се воспостави свест кај имателите за значењето на ова право. Но и покрај долгиот временски период, се чини дека нештата сеуште „тапкаат“ во место. Иако на 28 септември оваа година по десетти пат го одбележавме Меѓународниот ден за слободен пристап до информации од јавен карактер (Right to know day[2]), имателите на информации наместо да го унапредуваат пристапот до информациите – тие создаваат нови пречки во остварувањето на правото на барателите.

И по шест години, целосна одговорност и беспрекорност во комуникацијата меѓу барателите на информации и имателите на истите не е постигната. И покрај тоа што дел од институциите се неодговорни, нетранспарентни, се оградуваат кога треба да дадат одредена информација, Комисијата не изрекува казни и не се поведуваат постапки за истите да бидат казнети.

Овој Извештај за септември 2012г., е еден од месечните извештаи за состојбата на остварувањето на слободниот пристап до информациите од јавен карактер во Република Македонија, преку кои Македонското здружение на млади правници и Фондацијата отворено општество – Македонија во рамките на проектот „Остварување на правото на пристап до информациите со обезбедување правна помош и стратешко застапување“, Ве информираат за состојбата во остварувањето на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер. Сите досегашни постапки за остварување на правото за слободен пристап можете да ги најдете на www.spinfo.org.mk во рубриката „случаи“.

 

Македонско здружение на млади правници

_____________________________________________________________________________________________________________

[1] Македонско здружание на млади правници (МЗМП) во јули 2012 година поднесе 145 барања за слободен пристап до информации, кои се однесуваа на Поглавје 24 и 25 од НПАА 2012.

[2] По тој повод Македонското здружение на млади правници (МЗМП) на 27.09.2012 одржа обука за граѓани и граѓански организации во Тетово. Присутните имаа можност да се запознаат со тековните активности на проектот, реализиран од Македонско здружение на млади правници (МЗМП), а поддржан од Фондацијата отворено општество - Македонија.