Топ контакт

Контактирајте нè на: pravo@soros.org.mk 

Choose language

Search

Breadcrumbs

КОМСПИ го ускратува правото на слободен пристап до информациите со формализирање на постапката

Дали Комисијата за слободен пристап до информации од јавен карактер (во понатамошниот текст „Комисијата“) вршејќи ја својата работа постапува како заштитник на Имателите на информации за сметка на правото на пристап до информации на граѓаните? Дали Комисијата се грижи за спроведување на одредбите од Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер (во понатамошниот текст „Законот“) како нејзина законска обврска? Или пак строгиот и на моменти неоправдан формализам во работењето на Комисијата придонесува кон ускратување на правото на пристап до информации од јавен карактер на барателите?


Имено, Фондацијата отворено општество - Македонија на 11 декември 2008 година поднесе барање за слободен пристап до информации со кое бара „Копија од Правилникот за систематизација на работните места на Министерството за локална самоуправа (во понатамошниот текст само „Министерството“) како и копија од Правилникот за внатрешна организација на Министерството“. Бидејќи Министерството не одговори на барањето во законскиот рок, Фондацијата поднесе жалба. Комисијата ја отфрли жалбата како недопуштена бидејќи Фондацијата не доставила доказ дека Министерството навистина го примило барањето за слободен пристап и покрај тоа што истото е испратено уредно во препорачана поштенска пратка. Идентичен став делеше и Управниот суд на РМ кој со пресуда ја одби тужбата на Фондацијата како неоснована.

Се поставува прашањето како Комисијата го штити правото на слободен пристап до информации од јавен карактер? Наместо задолжување на Имателот на информацијата, во овој случај Министерството за локална самоуправа, да ги достави до јавноста бараните правилници, Комисијата бара причини кои се надвор од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и Законот за општа управна постапка само да го ускрати правото на Фондацијата и на јавноста општо на пристап до бараните информации.

Ваквото постапување на Комисијата и Управниот суд е во спротивност како на одредбите од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер така и на одредбите од Законот за општа управна постапка каде јасно е прошишано дека секој поднесок упатен препорачано по пошта, денот на предавањето на поштата се смета како ден на предавање на органот до кого е упатен (член 105, став 2).

Вишиот управен суд го препозна ваквото строго, формално и погрешно постапување како на Комисијата, така и на Управниот суд на РМ и предметот го врати на повторно одлучување.

Од целокупната постапка се добива еден јасен заклучок дека Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер со својот законски неоснован формализам го ускрати правото за слободен пристап до информации од јавен карактер на Фондацијата.

Овој Извештај за месец Јуни 2012г., е еден од месечните извештаи за состојбата на остварувањето на слободниот пристап до информациите од јавен карактер во Република Македонија, преку кои Фондацијата отворено општество – Македонија и Македонското здружение на млади правници во рамките на проектот „Остварување на правото на пристап до информациите со обезбедување правна помош и стратешко застапување“, Ве информираат за состојбата во остварувањето на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер. Сите досегашни постапки за остварување на правото за слободен пристап можете да ги најдете на www.spinfo.org.mk во рубриката „случаи“.

Решение од Вишиот управен суд