Топ контакт

Контактирајте нè на: pravo@soros.org.mk 

Choose language

Search

Breadcrumbs

Информација за платите во Општина Бутел чини 9.000 денари

Извор: Катица Чангова / Утрински весник

Можеби е за рубриката „Верувале или не“, но информацијата за советничките „плати“ во скопската Општина Бутел ќе ги чини граѓаните 9.000 денари! Со образложение „информацијата е од јавен карактер и може да биде злоупотребена“, Јавното претпријатие „Брегалница“ од Делчево не сака да достави фотокопија од анализата на водата за последниот месец, па на граѓанинот му предлага устен одговор, бидејќи „не смееле да дадат писмен со печат“.

По молчење и поднесена жалба, Владата го известила граѓанинот дека не располага со информација колку средства се предвидени во Буџетот за кампањата „Инвестирајте во Македонија“! Судскиот совет одбива да достави копија од записникот од конститутивната седница, бидејќи констатира оти тоа „не е информација од јавен карактер во која Советот е должен да му овозможи увид на граѓанинот“.

Со вакви парадокси во секојдневната практика се соочиле граѓаните тогаш кога се обиделе да побараат информација од институциите на централно и на локално ниво.

Ова беше нагласено вчера, кога Фондацијата Институт отворено општество - Македонија го презентираше извештајот „Ѕид од тишина“, а по повод едногодишното набљудување на спроведувањето на Законот за слободен пристaп до информациите од јавен карактер.

„Прилично е шокантно тоа како администрацијата размислува за сопствената отчетност и транспарентност, како го третира законот лабаво и кои тактики, покрај молчењето, ги применува за да не даде информации. Ако ова е пример за однесувањето на администрацијата спрема законите, навистина сме далеку од владеењето на правото и правната држава“, нагласи извршниот директор на ФИООМ, Владимир Милчин. Според него, примената на законите не е нечија слободна волја и пазар, но обврска која со никакво оправдување не смее да биде избегната.

За жал, и по една година од примената на Законот за слободен пристап до информациите, граѓаните не можат да поднесат барање во отсуство на службеното лице, поради состаноци, годишен одмор, пауза, па се упатуваат да дојдат друг ден или друга недела, на пример, така се однесуваат во Агенцијата за иселеништво. Кај некои јавни органи каде што се назначени службени лица граѓаните, кои не се должни да даваат објаснувања, буквално се „испрашуваат“ за причините зошто им треба информацијата, како во Општина Дебар. Со ваквиот однос, предизвикувајќи низа повреди на правото за да ги одвратат од барањата, администрацијата на централно и на локално ниво се однесува спрема граѓаните што ја плаќаат како спрема топчиња за пинг-понг, беше речено на вчерашната трибина. И по серија прекршоци, никој меѓу службените и одговорните лица не е казнет, бидејќи државата сама не сака да се казни.

До јавните институции граѓаните поднеле вкупно 629 барања, од кои во 40 отсто случаи се соочиле со „молчење на администрацијата“. Иако законот постои повеќе од една година, во него има технички пропусти, рече професорот на Правниот факултет Никола Тупанчески. „Потребни се одредени корекции на легислативен план, но и измени во поглед на применувањето. Јавната администрација треба да го подобри својот рејтинг во давањето информации и намалувањето на процентот на неодговорени барања“, нагласи Тупанчески.

Ана Павловска-Данева, професор на Правниот факултет во Скопје, оценува дека граѓаните реално немаат обезбеден пристап до информациите. „Првата причина е дека самиот закон не дозволува такви можности, тој е непрецизен, недоречен и создава можност за негова злоупотреба, а втората причина е дека имателите на информациите го користат овој законски вакуум за да ги избегнат барањата за информации“, смета Павловска.