Топ контакт

Контактирајте нè на: pravo@soros.org.mk 

Choose language

Search

Breadcrumbs

Анализа: Комисија за неслободен пристап до информации

Оние што не' повикуваат на борба против корупцијата - и оние што не' подучуваат финансираат судир на интереси.

Климе Бабунски
Извор: Утрински весник

Вообичаено, празниците се природен поттик за сумирање на (не)направеното. Кога се работи за пристап до информации, тоа е секако 28 Септември - Меѓународниот ден на слободниот пристап до информации. Оттука, прашањата би биле: дали во последните 12 месеци уставно гарантираното право за слободен пристап до информации, врз основа на Законот за слободен пристап, станува реално секојдневје? Дали и како бројните иматели на информации, а особено Комисијата за слободен пристап, го спроведуваат Законот, па во таа смисла и Уставот?

За жал, во Македонија, нештата во оваа сфера многу повеќе се ненаправени или погрешно се прават! Всушност, како што се одвиваше процесот на донесување на Законот, со големо и неоправдливо задоцнување, со обиди основните принципи на концептот за слободен пристап да не бидат институционално потврдени во Законот, со вградување на генетски грешки во Законот, така се одвива и неговото спроведување: анемично, безволно, со многу грешки, со тесно и ригидно толкување, спротивно на самиот концепт на слободниот пристап, спротивно и на овој Закон, а спротивно и на некои други закони. Народски кажано Законот се применува од „немај каде“!

Сепак, и покрај сите недостатоци, Законот ги опфаќа основните принципи на концептот за слободен пристап. Во оваа смисла, членот 10 ги задолжува институциите, како иматели на информации, на активен однос: сами да објавуваат информации за својата работа. Значи, документите кои настануваат во рамки на секојдневната работа (програми, планови, стратегии, одлуки, мерки, извештаи), организацијата е должна да ги објави, да ги направи достапни – не треба да се чека некој да поднесе барање за пристап до ваквите информации!

Шесте чекори на судирот на интереси

1. Комисијата одлучува член на Комисијата, кој е Извршен директор на МИМ, токму преку МИМ да поднесе проект на конкурс објавен од Амбасадата на Обединетото кралство.
2. Комисијата и МИМ обезбедуваат поддршка од Владата за проектот.
3. Информацијата за аплицирањето и проектот доаѓа од Амбасадата, не од Комисијата, не од МИМ.
4. Во јуни, во медиумите е објавена оценка дека ваквата „соработка“ е судир на интереси. Комисијата и МИМ, а и Владата остануваат глуви на критиките. Договорот за грант не е потпишан и се' уште може да се поправат грешките.
5. Во мај Собранието го донесува, а во јуни почнува да се применува Законот за спречување на интереси. Со ова, забелешките и критиките добиваат и законска потврда.
6. Во последните денови на август е потпишан Договорот за грант, со што се делува спротивно на Законот за спречување судир на интереси, особено член 12, став 2.

Секако, логично е примерот за ваквата отвореност да дојде токму од Комисијата за слободен пристап до информации. Затоа, сосема е неприфатливо необјавувањето на сопствениот Извештај, Комисијата да го правда со чекање на толкување од Собранието. Двоен парадокс: од една страна, Комисијата која е формирана како независна и самостојна институција и врз таква основа, треба да биде, најголем бранител на слободниот пристап (затоа е и формирана), за обелоденување на сопствениот извештај чека дозвола од Собранието?! А, од друга страна, еден од суштинските документи за состојбите во сферата на слободниот пристап до информации во Македонија не е слободно достапен, небаре се работи за државна тајна?! За жал, затвореноста на Комисијата не е ограничена само на Извештајот. Зарем досега некаде Комисијата ги објавила резултатите од својата основна работа: одбиените или прифатени жалби за пристап до информации? Дали досега некаде Комисијата ги објавила дневните редови и записниците од своите состаноци? Дали го објавила планот за обука на службениците кои треба да го спроведуваат Законот? Дали досега, каде и да било, Комисијата го објавила сопствениот буџет, намената и обемот на јавните пари што (ќе) ги троши за да го унапреди слободниот пристап? Дали можеби и за објавувањето на сите овие работи, Комисијата чека толкување на Законот од Собранието? Токму ваквата затвореност на Комисијата е најлошиот сигнал, што институциите – иматели на информации можат да го добијат. Со ваквата (не)работа се испраќа пораката: „Ако Комисијата може на ваков начин да го „спроведува“ Законот, тогаш зошто не и ние?“

Реално, состојбите остануваат речиси непроменети, ако не и полоши - сега недостапноста е затскриена зад параванот на Комисијата! Па така, буџетите за разни програми, конференции, прослави, кампањи, извештаите за финансиското работење, долговите, договорите, записниците од состаноците, остануваат недостапни. Дека не се работи за некакво преувеличување на пропустите станува јасно ако се има предвид целосниот контекст и значењето на Законот. Имено, без исклучок во секоја земја каде постои или каде се одвива процес за донесување на ваков Закон, недвосмислено и задолжително се нагласува дека токму овој Закон и неговото спроведување е првиот чекор, нужен предуслов, за борба против корупцијата.

Дискутабилните „решенија“ во Законот беа јавно критикувани уште во времето на неговото донесување. Глувоста за критиките на поранешната, па и на сегашната власт, а особено глувоста на Комисијата на забелешките од стручната јавност, кои не само што на Комисијата и беа кажани, туку беа објавени и во медиумите, се најсериозната пречка за примена на Законот и концептот за слободен пристап и директно водат во конфликт на интереси. Ваквиот потстандарден етички и професионален капацитет на Комисијата, сосема природно се конкретизира во неодговорно и противзаконско работење.

Дали навистина треба да потсетуваме дека судирот на интереси е извор на корупција, а корупцијата е криминал, а ... . Е нема ни „А“, ни „Б“, затоа што како што порачуваат од Македонскиот институт за медиуми и од Комисијата за слободен пристап и како што изјавува претседателот на Комисијата: „Владата даде целосна поддршка за ова“. А штом е така пари лесно се наоѓаат, и така бидна грант од Амбасадата на Обединетото кралство.

Кога ќе се тргнат сите паравани повторно имаме парадоксална ситуација! Оние што не' повикуваат на борба против корупцијата - поддржуваат, а оние кои не' подучуваат како да имаме современа, ефикасна и чесна администрација, финансираат судир на интереси. Знаела ли Амбасадата на нејзиното Величество што финансира, знаела ли Владата што поддржува? Тие си знаат, ама ред е и на јавноста да и кажат што всушност поддржуваат и финансираат. Но, оние што го напишаа и го одиграа сценариото, а ги премолчуваа јавно искажаните критики дека се работи за судир на интереси, сега ќе мора да ги отворат очите и освен Законот за слободен пристап да го прочитаат и Законот за спречување судир на интереси, и тоа особено членовите 12, 13 и 14. Или можеби и во овој случај ќе бараат од Собранието да им го толкува Законот!?