Топ контакт

Контактирајте нè на: pravo@soros.org.mk 

Choose language

Search

Breadcrumbs

„Транспарентната“ Влада е најмолчаливата институција во државава

Законот за слободен пристап до информации инаугурира слобода, а се спроведува со сила.

„Транспарентната“ Влада, всушност, е најмолчаливата институција во државава. Оваа водечка позиција на топ-листата на затворени, се чини, е повеќе од заслужена. Администрацијата на Никола Груевски, ни по една година од практикувањето на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, не нашла за потребно да одговори на ниту едно поставено прашање од граѓаните! Со отвореност не можат да се пофалат ниту владините ресори за култура, здравство, одбрана, дипломатија, образование. Ретко одговараат на прашања јавните претпријатија и установи, како, на пример, „Македонски железници“, Централен регистар, Универзитет „Свети Кирил и Методиј“. Нотарската комора и политичките партии се изземаат од законот, сметајќи дека одредбите за давање информации не се однесуваат за нив. Наспроти ваквата кристално јасна ситуација, досега никој не е казнет за непочитување на законот.

Ова се некои од констатациите кои можат да се извлечат од годишното истражување на Фондацијата Институт отворено општество - Македонија за слободата на информирање, а по повод примената на законското решение кое, без сомнение, мора во најскоро време да претрпи повеќе корекции. Од 1 септември 2006 до 1 септември 2007 учесниците во набљудувањето поднеле 625 барања за информации до 75 институции на централно ниво и до 31 општина. Само 48,6 проценти од барањата добиле целосен и навремен исход или одговори има на секое второ прашање. Правосудните органи и локалната власт одговориле на 58 отсто прашања, државните и независните органи на 50 проценти, Собранието, Владата и министерствата на 38 проценти од барањата, јавните претпријатија и установите на 26 отсто, додека политичките партии само на 11 проценти.

Посебно е алармантно тоа што процентот на барања кои не добиваат никаков третман од администрацијата е преголем. Законска обврска на имателите на информации е веднаш, а најдоцна во рок од 30 дена, да одговорат на барањето. Во Институтот отворено општество нагласуваат дека имателите на информации не смеат да го злоупотребуваат институтот молчење на администрацијата и барањата да ги чуваат во фиока. Истражувањето покажало дека има многу недоследности и пропусти во работата на службените лица. Заинтересираниот не е во можност да поднесе барање доколку овластеното службено лице не е на работа. Се случува службеникот да одбива барање, бидејќи не прави разлика меѓу документ и информација од јавен карактер. Зачудувачки е односот на службените лица кои ги контактираат барателите, барајќи од нив усно образложение зошто им е потребна информацијата. Пример: овластено лице од ресорот за екологија побарало објаснување од барателот зошто прашува колку вкупно денови министерот бил на службен пат во 2006 година.

Претседателот на Комисијата за слободен пристап до информации, Јанко Николовски, потенцира дека законот не е совршен, но дека е применлив. Тој посочи на впечатокот дека законското решение инаугурира слобода, но дека се спроведува со сила што, според Николовски, е „израз на немоќ на целото општество“. Има многу несовршености во законот што треба да претрпат измени. Комисијата смета дека е неопходно да се намалат роковите за одговарање на барањата на граѓаните. Првиот човек на Комисијата за слободен пристап до информации нагласи дека има појава на игнорирање на законот од одредени институции кои се цврсто убедени дека не ги тангираат законските одредби. Николовски истакна дека не се објавуваат службените лица и листите на информации, а забележа дека пречеста појава е промената на овластените кои се задолжени за давање информации.

Извор: Катица Чангова / Утрински весник