Топ контакт

Контактирајте нè на: pravo@soros.org.mk 

Choose language

Search

Breadcrumbs

Владата урива рекорди во молчење, не одговора на прашањa

Владата на Никола Груевски не само што урива рекорди во порастот на довербата туку урива рекорди и во степенот на молчење пред граѓаните. Од моментот кога се озакони слободниот пристап до информациите од јавен карактер, владината администрација целосно ги игнорира и ги бојкотира граѓаните. Владата не одговорила на ниту едно прашање!

Незадоволството од затвореноста на централната власт барателите на информации го изразиле со поднесување на 105 жалби во текот на оваа година, велат во Фондацијата Институт отворено општество.

За Владата, најверојатно, од мошне чувствителна природа, на пример, се прашањата колку пари потрошила за одбрана на обвинетите Љубе Бошкоски и Јохан Тарчуловски во Хаг или колку ја чинеле кампањите „Инвестирајте во Македонија“ и за платежни картички. По се' изгледа дека најстроги тајни се договорите и одлуките на Владата за продажба на рафинеријата „Окта“ и за поделбата на „Електростопанство на Македонија“ на ЕЛЕМ, МЕПСО и ЕВН. Невозможен е пристапот до листата на досиејата, односно извештајот од 2000 година за достапност до овие документи, бидејќи е класифициран како државна и строго доверлива тајна. Tајноста истече по пет години, во 2005, а барањето е од 2007.

Тоа дека Владата како институција е навистина молчалива го потврди и неодамнешно истражување посветено на тоа како функционира начелото на слободен пристап на светско ниво. Проверката на 14 држави во светот, и тоа во моментот кога кај нас во фаза на донесување беше законот за слободен пристап до информации, покажа дека најзатворени влади се Гана и Чиле со 73, односно 69 проценти на молчење. Мошне интересна и индикативна е споредбата во рангирањето по молчење на Македонија со Бугарија и со Романија. И додека во Бугарија се молчи 24 отсто, а во Романија 31 процент, во Македонија се молчи речиси двојно повеќе - 44 отсто.

На рутинско прашање поставено до сите ресори за бројот на привремено вработените преку агенции воопшто не одговориле министерствата за одбрана, за финансии, за здравство и за култура. Министерството за одбрана молчи за тоа кои касарни и колку објекти отстапиле на користење на други институции, правни или физички лица. Чудно е тоа што Одбраната за класифицирана информација ја прогласи онаа за давање под наем на воениот базен во Аеродром. Во Министерството за внатрешни работи граѓаните наидуваат на сериозни брани кога граѓаните се интересираат за документи од Одделот за организиран криминал кој работел на реформите. Во Дипломатијата молчат за тоа колку дена министерот за надворешни работи во текот на 2006, значи двајцата министри, Антонио Милошоски и Илинка Митрева, биле отсутни од државата на службени патувања.

На чисто рутинско прашање која листа на информации е од јавен карактер во ресорите за труд и здравство, нема никакви одговори. За едно од најзатворените министерства се апострофира ресорот култура, кое дало одговори само на две прашања. Има и префрлања на топката со одговори. Министерството за локална самоуправа, прашано колкав е вкупниот долг на општините, ги препраќа граѓаните да побараат одговор во Министерството за финансии. И екологијата е интересно министерство од аспект на тоа што немаат одговор за информација од јавен карактер како што е онаа за тоа какво влијание врз животната средина има работењето на РЕК „Битола“.

Извор: Катица Чангова / Утрински весник