Топ контакт

Контактирајте нè на: pravo@soros.org.mk 

Choose language

Search

Breadcrumbs

Отпочнува примената на законот

По донесувањето на законот ФИООМ активно ја следеше неговата имплементација. Навремено и успешно изврши притисок за формирање Комисија за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер и донесување на подзаконските акти.

Дополнително, ФИООМ во соработка со 13 локални невладини организации, во периодот пред отпочнувањето на примената на законот, спроведе набљудување  на обезбедувањето на ова право од страна на државните органи и јавните претпријатија.

Резултатите од истражувањето упатуваат на тоа дека имателите на информации од јавен карактер, со цел целосно да ги исполнат законоските обврски, треба особено да внимаваат на следново:

-    Да доставуваат навремен одговор на барањата. Истражувањето покажа дека само 36,3% од барањата добиваат одговор, или одговор добивало секое трето прашање. Само во три случаи (од 270) барателите биле писмено одбиени. За жал, најголем дел од барањата не добивале никаков одговор – односно администрацијата молчела дури во 37.04% во случаите. Или, повеќе од половина барања (51.85%) не ги добиле бараните информации (службеното лице кое нема да даде информации од јавен карактер согласно со законот ќе се казни за прекршок со парична казна од 30.000 до 50.000 денари);

-    Задолжително да ги примаат барањата. Дури во 34 случаи (или 12.59%) барателите немале можност да го поднесат барањето, односно институциите одбиле истите да ги примат. Назначувањето на одговорни службеници е законска обврска за сите иматели на информации. Овие лица не само што се одговорни да ги примаат барањата, туку треба и да укажуваат помош на барателите (за непочитување на оваа обврска лицето може да биде казнето со парична казна од 20.000 до 50.000 денари);

-    Да не наплатуваат административна такса за поднесување барање, а доколку наплатуваат надомест за покривање на трошоците за добиена информација тој да биде во висина на реалните материјални трошоци. Во недостиг на законска рамка, институциите наплатувале различни и често нереални трошоци за дадените информации. Така, некои институции наплатувале административни такси до 250 денари по барање, а страница фотокопија се движела до 26 денари. Ова е особено значајно бидејќи Владата на РМ сеуште го нема донесено актот со кој ќе ја утврди висината на надоместот за материјалните трошоци за добиена информација (фотокопија, препис, или електронски запис). Оваa обврска произлегува од законот и требаше да биде исполнета најдоцна до 8 јуни 2006 година.  

-    Јавните претпријатија да ги зголемат своите капацитети и ниво на свесност за примената на законот и остварувањето на правото за пристап до инфомации од јавен карактер. Истражувањето покажа дека јавните претпријатија се далеку позатворени од останатите институции. Само 18.06% или едвај едно од пет поднесени барања добија одговор.

Се надеваме дека овие препораки и сознанија на ФИООМ ќе придонесат кон зголемено почитување на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер. За поуспешна примена ќе придонесат и сите физички и правни лица кои активно ќе го користат ова свое право и навремено ќе реагираат доколку истото не им се обезбеди.

Комисијата за заштитата на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер одлучува по жалби. Адресата за контакт на комисијата е бул. Гоце Делчев бб (зграда на МРТ на 14 кат). Тел. 02/3127-453. www.sinf.gov.mk .

ФИООМ и понатаму продолжува со активностите за промоција на ова право.


Неда Коруновска
Координатор на правна програма,
фондација Институт отворено општество - Македонија

контакт:
тел. 02/244.44.88 лок. 188 или 226
е-пошта: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите. Оваа адреса на е-пошта е зашититена од спем-ботови, потребно е да го вклучите Javascript-от за да ја погледнете