(Не)транспарентност во финансирањето политички партии
Во организација на Фондацијата Отворено општество - Македонија (ФООМ) и Транспарентност Македонија (ТМ), а по повод објавувањето на резултатите од првиот периодичен извештај, на 17 ноември се одржа тркалезната маса „Транспарентност во финансирањето на политичките партии“.
Во своето воведно обраќање, професорот Ванчо Узунов нагласи дека финансирањето на политичките партии сеуште претставува сива и нејасна зона, податна за ширење корупција, не само заради недоследностите во начинот на регупирање туку и заради начинот на кој се применува. Република Македонија, преку низа закони, се обврза да обезбеди еднаков пристап до изворите на финансирање за сите политички партии, а се обврза и да обезбеди и ефикасен контролен механизам кој треба да гарантира одговорност и транспарентност во финансирањето на политичките партии. Сепак, постојат низа недоследности, и од страна на политичките партии и од страна на државните институции кои имаа надлежности врз процесот. Државните институции не ги исполнуваат надлежностите, додека за политичките партии се стекнува впечатокот дека меѓу нив постои консензус да не се зборува отворено за финансирањето.